Пред нас е предлог буџетот за 2025 година тежок 6,5 милијарди евра, но со скратени средствата за земјоделство и земјоделците, што негативно ќе влијае на прозиводството на храна и приходите на земјоделците. Вкупниот Буџет за земјоделство, шумарство, лов и риболов за 2025 година е намален за 15%, истакна Љупчо Николовски од СДСМ.
Подетално како што рече за 10 пати е скратена сумата предвидена за Програмата за рурален развој. Со тоа, според него, директно се крати на поддршката за инвестиции во земјоделска механизација, набавка на добиток, модернизација на земјоделски објекти, промоција на македонските производи, инвестиции во општините.
„Помалку пари или воопшто не се предвидени средства за новите програми за инвестиции за малите регистрирани производители на храна и пијалоци.
Владата на СДСМ со правилни политики ја направи Северна Македонија лидер во искористеност на ИПАРД Програмата. Но, ВМРО ДПМНЕ очигледно не ја сфаќа важноста на европските фондови за развојот на македонското земјоделство.Во 2025 година Програмата за кофинансирање на проекти од ИПАРД 3 е намалена е за 14.5 %.
Помалку средства или за 30 % е намалена сумата за инвестиции за Програмата за изградба на системи за наводнување. Тоа значи дека земјоделците ќе бидат оставени без современи системи за наводнување, што директно ќе влијае врз нарушување на квантитетот и квалитетот на земјоделското производство. И покрај предизборните ветувања за повисоки субвенции, за следната година нема раст субвенциите и тие се на исто или помало ниво. Да заклучам, во Буџетот за 2025 нема ниту една нова политика или програма, се што е планирано е проект на Владата на СДСМ. Значи сега кога власта има отсуство на идеи, нашите политики се добри“, додава Николовски.
Според него, земјоделството е еден од двигателите на нашата економија. Кризите со кои се соочивме изминатите години, покажаа колку е важно да имаме домашна храна и затоа овој сектор заслужува посебен фокус.
Затоа, како што појасни, СДСМ со амандмански предлози и законски решенија ќе ги брани инетересите на земјоделците.
„Со дел од амандманите предвидуваме 700.000.000 денари за поддршка на младите земјоделци и зголемување на поддршката за Програмата за рурален развој. Како одговорна партија која вистински го цени трудот на земјоделците, во парламентарната расправа ќе се бориме за повисока финансиска поддршка за земјоделците и повиски откупни цени, ќе нудиме предлози кои се применуваа и изминатите 7 години, а кои треба да бидат пример како една влада треба да се грижи за земјоделците и да биде рамо до рамо со нив“, напомена Николовски.