Египќаните присуствуваа на историска поворка на античките владетели на нивната земја низ главниот град Каиро.

Во текот на раскошниот спектакл вреден повеќе милиони долари, мумиите на 18 кралеви и четири кралици беа пренесени од неокласичниот Египетски музеј во новиот Национален музеј на египетската цивилизација, оддалечен пет километри, наведува Би-би-си.

Со строги безбедносни мерки, кои се во согласност со нивниот статус на културно богатство, мумиите беа транспортирани во таканаречената Златна парада на фараоните.

Profimedia
Profimedia

Египет беше силно погоден од пандемијата на коронавирусот пред една година, но ограничувањата за собири на отворено, подоцна беа укинати поради опаѓањето на бројот на новите зарази и смртните случаи.

Мумиите на владетелите биле пренесени со голема помпа, според хронолошкиот ред на нивното владеење, од владетелот на 17-та египетска династија, Секененре Тао Втори, до Рамзес Деветти, кој владеел во 12 век пр.н.е. Една од главните атракции на Златната парада на фараоните бил кралот Рамзес Втори, најпознатиот фараон на Новото кралство, кој владеел 67 години и останал запаметен по потпишувањето на првиот познат мировен договор. Внимание привлекла и кралицата Хатшепсут, која станала владетелка, спротивно на обичајот во тоа време дека жените не можат да бидат фараони.

Секоја мумија била пренесена на украсено возило, специјално обезбедено од напад и опкружено со придружба. За парадата, тие биле ставени во специјални кутии наполнети со азот за да се заштитат од надворешните услови. Улиците покрај патот неодамна биле асфалтирани за да се пробијат без застој.

Profimedia
Profimedia

Мумиите биле откриени во 1881 и 1898 година, на две места во урнатините на Теба, главниот град на антички Египет, денешен Луксор.

Биле сместени во Египетскиот музеј, каде што, во минатиот век, ги посетувале туристи од целиот свет. Во новиот музеј ќе бидат поставени во Кралската сала на мумии, дизајнирана така што посетителите ќе имаат илузија дека се наоѓаат во Долината на кралевите во Луксор.

Египетските власти се надеваат дека новиот музеј, што ќе биде отворен овој месец, ќе придонесе за обновување на туризмот, главниот извор на девизи за земјата. На туристичката индустрија во Египет негативно влијаеја политичките превирања во изминатата деценија, а неодамна и пандемијата на коронавирусот.