Владини документи ги открија идентитетите на двајцата федерални полицајци кои го застрелаа и убија Алекс Прети во Минеаполис. Станува збор за агентот на граничната патрола Хесус Очоа и службеникот на царината и граничната заштита Рејмундо Гутиерез, објави „ПроПублика“.

Според записите, 43-годишниот Очоа и 35-годишниот Гутиерез се агентите кои пукале со службеното оружје за време на конфронтацијата минатиот викенд во која беше убиен Прети, објави „Гардијан“.

Пукањето предизвика масовни протести и обновени повици за кривични истраги против федералната служба за имиграција.

Веднаш по убиството на Прети, администрацијата на Трамп повеќе пати изнесуваше лажни тврдења за инцидентот.

Во времето на инцидентот, двајцата агенти учествувале во операцијата „Metro Surge“, голема операција за спроведување на имиграциските закони започната во декември.

Во операцијата беа распоредени голем број вооружени и маскирани агенти низ целиот Минеаполис.

Агенцијата за која работат двајцата мажи, одби јавно да ги именува вклучените агенти и објави малку дополнителни информации за пукањето.

Недостатокот на транспарентност предизвика зголемени критики, особено што инцидентот се случи само неколку дена откако друг агент за имиграција ја застрела и уби демонстрантката Рене Гуд, 37-годишна мајка на три деца, исто така во Минеаполис.

Смртта на Прети и тајноста околу идентитетот на агентите доаѓаат во услови на растечка национална дебата за строгите имиграциски политики на Доналд Трамп. Операциите за спроведување на законот во градовите низ целата земја вклучуваат насилни конфронтации со имигранти и американски граѓани, а ги спроведуваат агенти на кои контроверзно им е дозволено да го сокријат својот идентитет со носење маски.

Текстот (Видео) Идентификувани агентите кои го убија Алекс Прети е превземен од МАКФАКС.