Со нови блокади и протести се соочуваат екипите на ЕВН во липковското село Слупчане. Жителите не им дозволуваат на екипите на ЕВН да влезат во селото блокирајќи го пристапниот пат. Тие се противат на обидот на ЕВН да ги извади броилата од домовите и да ги постави надвор пред куќите, за да може да има контрола врз нив и да спречи злоупотреба на мрежата и крадење струја, објави порталот „360 степени“.

Жителите преку месната заедница минатата недела доставиле официјално известување до ЕВН во кое ги информираат дека не прифаќаат мерните уреди да се поставуваат надвор од куќите. Исто така, бараат да им се простат старите долгови и наместо редовна сметка, врз основа на податоците од струјомерите, да плаќаат месечен паушал од 3 000 денари, без оглед колку струја потрошиле.