Со тројката на Демион Ли на 1,7 секунда до крајот на натпреварот Голден Стејт ја забележа првата победа во сезоната, шампионот Лејкерс продолжува сигурно, а на дуелот меѓу Далас и Клиперси беше испишана историја.

Вориорси после двата порази го совладаа Чикаго на гостински терен со 129:128, а нивни херој е Ли кој ги постигна решавачките поени. Најефикасен во победничките редови беше Стеф Кари со 36 поени, тој е трет играч кој постигна повеќе од 2.500 тројки во регуларниот дел од НБА сезоната, пред него се само Реј Ален и Реџи Милер.

На спротивната страна Левин доминираше со 33 поени, а 10 помалку запиша Марканен, но недоволни да се избегне третиот пораз на „биковите“.

Лос Анџелес лејкерс и без Дејвис убедливо триумфираше над Минесота (127:91). За „езерџиите“ Кузма постигна 20 поени, а Џејмс за еден скок не успеа да комплетира „дабл-дабл“ учинок (18 поени, девет скока, пет асистенции). Кај „волците“ најдобро се истакна Едвардс со 15 поени.

Серијата мечеви инаку ја започнаа Маверикси и Клиперси, веќе објавивме дека составот на Далас ја направи најголемата предност после првото полувреме во историјата на НБА лигата.

На крајот екипата на Рик Карлисл славеше со дури 51 кош разлика (124:73), Дончиќ блескаше со 24 поени (девет скока, осум асистенции), а во поразените Џорџ имаше 15 поени (четири асистенции).

НБА, резултати –

Лос Анџелес клиперс-Далас Маверикс 73:124
Шарлот хорнетс-Бруклин нетс 106:104
Њу Орлеанс пеликанс-Сан Антонио спарс 98:95
Вашингтон визардс-Орландо меџик 113:120
Кливленд кавалирс-Филаделфија сиксерс 118:94
Њујорк никс-Милвоки бакс 130:110
Чикаго булс-Голден Стејт вориорс 128:129
Индијана пејсерс-Бостон селтикс 108:107
Сакраменто кингс-Феникс санс 100:116
Лос Анџелес лејкерс-Минесота тимбервулвс 127:91

The post ВИДЕО: Далас на „плус 51“, Голден Стејт до триумф во последните секунди! appeared first on Слободен печат.


ВИДЕО: Далас на „плус 51“, Голден Стејт до триумф во последните секунди! was first posted on декември 28, 2020 at 10:11 am.