Еден квадрат нема да дозволиме да се изгради од предвиденото бетонско чудовиште кое општина Гази Баба планира да се изгради во населбата Ќерамидница, вели градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска во објава на социјалните мрежи.
Како што вели таа, согласно деталниот урбанистички план на општина Гази Баба ЦС 10.03 кој шверцерски се обидува да се помине, се предвидува изградба на 16 згради со висина од 34 метри.
Поточно, предвидена е изградба на 100.000 метри квадратни бетон и асфалт и ниту еден метар квадратен зеленило.
Градот Скопје ќе постапи согласно поплаките на жителите на општина Гази Баба, но и во интерес на сите скопјани. Вакво бетонско чудовиште не смее и нема да биде дозволено да го наруши квалитетот на живот на граѓаните.
Арсовска вели дека Градот Скопје ќе изврши целосна ревизија на ДУП ЦС 10.03, ќе го презентираме пред Советот на град Скопје, а го каниме и градоначалникот на општина Гази Баба да образложи што мислел кога го предложил овој монструозен ДУП со кој во целост се нарушува принципот на хумано живеење.
Градот Скопје мора да биде модерен град, град во кој ќе ставиме крај на дивееењто на урбаната мафија, самоволието во урбанизмот и ставањето на профитот пред здравјето на граѓаните.