– Протест вечер ќе има, иако од денешната средба со министерот за здравство Фатмир Меџити сум презадоволен. Но, очекувам се што беше кажано и ветено на средбата, да го добијам во писмена форма и со потпис од министерот, изјави за МИА претседателот на Сојузот на здруженија на дијабетичари на РСМ, Димче Велев.
-Јас и секретарот на Сојузот на здруженија на дијабетичари сме задоволни од она што го слушнавме денеска на средбата со министерот, но важно е се што беше ветено да ни го пратат на електронска адреса писмено и потпишано од министерот и тогаш сите ќе бидеме презадоволни, потенцира Велев за МИА.
Потврди дека лицата со дијабетес вечер ќе протестираат пред Министерството за здравство, но не ја отфрли можноста за, како што рече, „протестот да премине во прослава“.
Тој посочи дека доколку се реализира се што било кажано на средбата, тогаш нивните основни барања ќе бидат остварени.
– Му кажавме на министерот дека дојдовме да разговараме за аптеките да бидат полни и снабдени за секој пациент што ќе дојде да си го земе тоа што му треба. Нашиот протест е за тоа, не е за друго. Нашиот протест не е со политички барања, не е со флоскули, туку е реален живот, за здравјето на граѓаните, додаде Велев.
Инаку, на денешната средба, на која беа присутни и стручни служби на Mинистерството, надлежни за проблематиката, меѓу кои и претседателот на Комисијата за дијабетес, Ирфан Ахмети, министерот Меџити истакнал дека тие имаат целосно разбирање за ситуацијата во која се наоѓаат лицата со дијабетес во земјава и максимално се заложуваат да бидат надминати актуелните предизвици.
Министерот, како што сооштија од Министерството за здравство, информирал дека во моментот течат жалбените постапки на набавка на лентите за оваа категорија на пациенти и дека доколку Второстепена комисија ја одбие жалбата веднаш ќе се пристапи кон склучување на договорот за набавка на ленти и глукометри за пациенти со тип 1 и тип 2.
Тој на претставниците на Сојузот на здруженија на дијабетичари им објаснил дека откако ќе стигне решението од Второстепена комисија при Државната комисија по жалби за јавни набавки – одлуката станува конечна, по што веднаш ќе биде склучен договорот за набавка на ленти и глукометри за тип 1 и тип 2 и во најбрз можен рок ќе се почне со распределба во инсулинските аптеки.
Од Министерството информираат дека денеска Меџити ја потпишал одлуката за избор на најповолен понудувач за набавка на сензори за континуирано мерење шеќер во крвта за сите деца со дијабетес, бремени жени и слепи лица, кои првпат ќе добијат вакви сензори.
На средбата министерот најавил и дека при крај е анализата за пронаоѓање модел за да се избегнат досегашните проблеми.
– Министерството за здравство побара разбирање од пациентите за оваа состојба која вети дека во брзо време ќе биде надмината, а министерот Меџити истакна дека по преземање на функцијата максимални ќе се заложи ваквите застои во набавките повеќе никогаш да не бидат случај, стои во соопштението.