Докторката Вилдане Палоши, од „One Hospital“ зборува за важноста на систематските прегледи во период на пандемија на коронавирус.

Кое е значењето и зошто е важно да направите систематски преглед?

– Правото на заштита при работа е уставно гарантирано право на секој граѓанин. Ова право се остварува преку низа законски и подзаконски акти од различна област, со единствена цел – да се овозможи највисок степен на безбедност на работно место, да се елиминира и/или да се минимизира специфичен професионален ризик и да се овозможи унапредување на здравјето, на професионално експонирани работници и превенција на професионални болести и повреди на работа. Токму затоа е важна редовна реализација на здравствени прегледи на работниците, бидејќи здрав работник значи и квалитетен процес на работа во секоја работна организација.

Какво е Вашето мислење за систематски прегледи во период на пандемија со ковид-19?

– Поради пандемијата од ковид-19 се создаваат услови за изложеност на работниците на вирусот SARS CoV-2 на нивните работни места и појава на болеста ковид-19. При тоа, изложеноста може да биде последица на:

– директен контакт на вработениот со болни и/или сомнителни случаи на ковид-19 во тек на извршување на нивната работа.

– близок контакт со колега/соработник кој е позитивен и/или болен и тоа поради несоодветна организација на работата и/или непридржување на препорачаните мерки за заштита.

– чести контакти на вработените со клиенти/корисници на услуги со поголем број странки, кои може да бидат инфицирани со вирусот SARS CoV-2, особено во подрачја каде што има распространета трансмисија на болеста во заедницата.

– близок контакт со позитивен патник во јавниот транспорт, при доаѓање и враќање на работа.

Во услови кога се појавува нова биолошка штетност како што е SARS CoV-2 вирусот, потребна е редовна комуникација со овластена здравствена установа и доктор по медицина на труд за утврдување на специфични мерки за отстранување на штетите, давање препораки за лична заштита на работниците, следење на нивното здравје и редовна реализација на превентивните здравствени прегледи на вработетите, уредени по посебен протокол во време на пандемија со ковид-19.

Колку често откривате болести кај пациентите кои се навидум здрави и дошле за редовен систематски преглед?

– Вработените кои се испратени на превентивни здравствени прегледи од страна на работодавачот, најчесто се во добра општа здравствена состојба без некои поголеми нарушувања на здравјето. Сите вработени кои боледуваат од хронична болест, која најчесто е добро регулирана со хронична терапија, со себе носат документација од редовни контроли од страна на специјалисти од областа на заболувањето. При детална анализа на сите испитувања што се реализирани во тек на превентивниот здравствен преглед на работникот, често се случува да откриеме отстапки од нормалниот наод во тие испитувања, па и да дијагностицираме некое заболување за кое работникот не знаел. Сме имале и случаи кога при превентивен здравствен преглед сме дијагностицирале акутна состојба кај пациентот, при што пациентот навремено бил згрижен во соодветна здравствена установа и излекуван без поголеми последици врз здравјето.

Зошто вработените треба да обрнат внимание на препораките што ги давате заедно со мислењата за способност за работа?

– Извештајот за извршениот здравствен преглед (систематски, периодичен, насочен, претходен), се издава од страна на доктор, специјалист по медицина на труд, од овластена здравствена установа во која е реализиран здравстевниот преглед, најдоцна 15 дена од датумот на прегледот. По целосната анализа на сите испитувања што се реализирани кај вработениот, доколку постојат отстапки во здравствената состојба, тоа се евидентира во извештајот, односно мислењето што го добива вработениот. Од исклучителна важност е вработениот да ги следи препораките што се дадени од страна на докторот по медицина на труд и да ги направи сите испитувања што се препорачани, со цел да се превенираат понатамошни нарушувања на здравјето, или да се стават под контрола хроничните болести од кои боледуваат, да ги следат препораките за носење лична заштитна опрема на работно место, како и заштита од ковид-19, бидејќи сме во период на пандемија.

Колку време е важноста на систематските прегледи и зошто се повторуваат?

– Важноста на систематските прегледи е 24 месеци од датумот на последниот систематски преглед. Тие се повторуваат на секои 24 месеци поради заштита и унапредување на здравјето и зачувување на работната способност, на секој вработен што работи на работно место, кое според проценката на ризикот на работното место не претставува работно место со зголемен ризик.

Д-р Вилдане Палоши, медицина на трудот
„One Hospital“