Форумите на досега опозициската партија ќе заседаваат утре, откако во петокот средбата Заев-Гаши заврши без конкретен договор за коалицирање

Централното претседателство на Алтернатива ќе заседава утревечер, по одложувањето на седницата што беше најавена за во вторник, поради тридневната жалост по автобуската несреќа во Бугарија.

Пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи-Зејд, изјави за МИА дека утревечер членовите на Централното претседателство треба да му дадат насока на Централното собрание, највисокиот орган на партијата, кој ќе донесе одлука дали досега опозициската партија ќе стане дел од Владата и парламентарното мнозинство.

СДСМ утревечер треба да одржи состанок на Централниот одбор, кој поради тридневната жалост беше одложен, а на кој се очекува оставка на претседателот на партијата и премиер Зоран Заев.

Доколку се случи тоа, почнува постапката за избор на нов претседател на партијата.  Според статутот на партијата, почнува рокот од 15 дена за распишување внатрепартиски избори за нов претседател на СДСМ. Изборите се непосредни, со тајно гласање за сите пријавени членови. Новиот претседател, како што најави самиот Заев, треба да биде и мандатар на новата влада. Во јавноста веќе кружат неофицијални имиња за иден премиер.

Исто така, дел од членството на СДСМ не ја поддржува оставката на Заев најавена по завршувањето на локалните избори, кога партијата изгуби повеќе градоначалнички места.