„Како што веќе најавивме денес како Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ започнуваме со караванот „Иднина за сите во Македонија“. Тоа е еден караван во кој ние ќе посетиме повеќе населени места. Ќе се сретнеме со млади луѓе од сите сфери на општественото живеење. Ќе разговараме со младите земјоделци, лекари, спортисти и со сите категории млади луѓе. Ќе ги слушнеме нивните проблеми и нивните предлози. Ќе ги кажеме нашите идеи и ќе го побараме нивното мислење за тие наши идеи“, истакна Претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ Сергеј Попов при денешниот прв караван „Иднина за сите во Македонија“.
Тој додаде дека сето ова ќе финишира со изработка на една сеопфатна младинска програма која ќе биде и младинска понуда на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, која ќе прерасне и во понуда на ВМРО-ДПМНЕ кон младите луѓе со која понуда ние ќе ја побараме поддршката од младите луѓе на следните парламентарни избори.
„Целиот овој караван, средби и консултации со младите луѓе ќе завршат со дводневен саем на младите кој ќе се одржи на 22 и 23 јули во Македонската опера и балет. Очекувајте многу интересни проекти и многу корисни работи од кој добробит ќе имаат сите млади луѓе во Република Македонија. Ние сакаме силна држава Република Македонија во која ќе можеме да ја градиме нашата иднина дома, а не надвор“, посочи Попов.