Украинската влада упати препорака до жителите во конфликтните зони на истокот и југот на земјата да ги напуштат пред да започне студеното време.

„Повикувам на евакуација од Донецк, Херсон, Запорожје и дел од регионот Харков пред почетокот на студеното време. Оние кои можат, нека си заминат постепено и планирано“, изјави за украинската телевизија во средата вицепремиерката Ирина Верешчук.

Таа советуваше и дека никој не треба да се враќа во тие области пред следната пролет, дури и ако се реши проблемот со снабдувањето со топлинска енергија.

Во меѓувреме, тимот експерти од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) денеска треба да пристигне во нуклеарната централа Запорожје за да ја испита безбедносната ситуација во објектот со оглед на секојдневното гранатирање за кое меѓусебно се обвинуваат руската и украинската страна.

Тимот на МААЕ вчера пристигна во градот Запорожје, а директорот на Агенцијата, Рафаел Гроси, изјави дека мисијата е „техничка“ и дека нејзината цел е да спречи нуклеарна несреќа.

Прес-службата на постојаниот претставник на Русија во Обединетите нации, Василиј Небензје, објави дека Москва испратила писмо до Советот за безбедност на ОН со докази дека Украина ја гранатирала нуклеарната централа Запорожје на 29 август.