Командантот на украинската војска предупреди на можноста Русија да користи нуклеарно оружје во Украина, што би создало ризик од ограничен нуклеарен конфликт со другите сили, се вели во написот што тој го напишал за украинската државна новинска агенција „Укринформ“.

Врховниот командант на украинските вооружени сили, генерал Валериј Залужни, во написот дал детална оценка за текот на војната досега. Залужни напишал дека „директната закана“ од руската можна употреба на тактичко нуклеарно оружје имала големо влијание врз релевантните одлуки.

„Друг фактор е директната закана дека Русија, под одредени околности, ќе употреби тактичко нуклеарно оружје“, се наведува во написот. „Борбите на територијата на Украина веќе покажаа колку Руската Федерација ги игнорира прашањата за глобалната нуклеарна безбедност дури и во конвенционална војна“, напишал украинскиот генерал, според медиумот.

„Тешко е да се замисли дека дури и нуклеарните напади ќе и овозможат на Русија да ја скрши волјата на Украина за отпор. Но, заканата што ќе се појави за цела Европа не може да се игнорира. Не може целосно да се исклучи можноста за директно вклучување на водечките светски сили во „ограничен“ нуклеарен конфликт, кој ги зголемува шансите за Трета светска војна“, било истакнато во написот.

„Секој руски обид да преземе практични чекори кон употреба на тактичко нуклеарно оружје мора да биде спречен со користење на целиот арсенал на средства на располагање на светските сили“, додал тој. „Од тој момент Руската Федерација ќе стане не само закана за мирниот соживот на Украина, нејзините соседи и голем број европски земји, туку и навистина терористичка држава од светски размери“, заклучил украинскиот генерал, според државната новинска агенција „Укринформ“.