Министерот за надворешни работи на Украина изјави дека поднел предлог до претседателот Володимир Зеленски да ги прекине дипломатските односи со Техеран по серијата руски напади со иранско оружје.

Русија вчера лансираше десетици беспилотни летала „камикази“ во Украина, насочени кон енергетската инфраструктура и убивајќи најмалку четири лица во Киев.

Украина тврди дека нападот го извршиле ирански беспилотни летала Шахед-136, иако Иран негира. Шефот на украинската дипломатија, Дмитро Кулеба, рече дека Киев е сигурен дека се работи за ирански беспилотни летала и дека ќе обезбеди голем број докази за тоа.

„Техеран сноси целосна одговорност за уништувањето на односите со Украина“, рече Кулеба на прес-конференција.

„Ќе му поднесам предлог на претседателот да ги прекине дипломатските односи со Иран“, додаде тој. Кулеба рече дека Киев ќе испрати официјална нота до Израел со барање за противвоздушно оружје и соработка во тој сектор.

Претходно денеска, член на израелскиот безбедносен кабинет, министерот за правда Гидеон Саар, изјави дека поддршката за Украина не вклучува „оружени системи и оружје“ и дека нема промена во таа позиција. Иако Израел го осуди нападот врз Украина и и испрати хуманитарна помош, оваа блискоисточна земја не испрати воена помош, а како причина ја наведе соработката со Москва во соседна Сирија.

Израелскиот министер за дијаспора Нахман Шаи, поранешен портпарол на израелските вооружени сили, за време на викендот напиша дека поради оружјето на Иран во агресијата, „дојде време“ Израел да обезбеди воена помош, „како што прават САД и членките на НАТО.