Македонската фудбалска репрезентација до 21 година денеска го одржа последниот тренинг пред утрешниот натпревар на гостински терен против Фарски Острови во Класвик, во рамки на квалификациите за пласман на ЕУРО 2023.

Играчот за врска Али Адем истакна дека целта на сите репрезентативци е со победа да се вратат од Класвик и дуелот со домаќините, кои претходно на домашен терен одиграа нерешено против апсолутниот фаворит во групата, селекцијата на Франција.

– Максимално сме фокусирани на натпреварот со Фарски Острови, со нетрпение го очекуваме утрешниот дуел. Имаме доволно време да се приспособиме на временските прилики тука, и да се подготвиме што подобро за мечот. Идеме чекор по чекор, верувам во моите соиграчи, имаме квалитет и доколку одиграме како што од нас очекува селекторот, ќе ја оствариме целта, а тоа е да се вратиме дома со три бода“, изјави Адем

– Нема да биде лесно, во денешниот фудбал нема слаба репрезентација, истото важи и за нашата група. Фарски Острови е незгодна селекција, поготово кога игра на домашен терен. Играме на мал стадион, со вештачка трева, нема да биде лесно, но ќе дадеме се од себе за да ги освоиме трите бода, додаде македонскиот репрезентативец во изјава за сајтот на ФФМ.