Турист од САД е казнет со 450 евра додека бил во Рим затоа што јадел и пиел додека седел на работ од фонтана.

55-годишникот во саботата околу 1 часот по полноќ седнал на работ од фонтаната и почнал да јаде, по што бил запрен од полицијата и казнет поради законите за заштита на спомениците, кои се наменети за одржување пристоен изглед на градот, пишува CNN.

Фонтаната била изградена помеѓу 1588 и 1589 година од страна на архитектот и скулптор Џакомо дела Порта, а била обновена во 1997 година. Заштитена е со правила кои првпат беа воведени во 1970-тите за да се зачуваат историските фонтани, статуи и други споменици. Ажурираните закони со фокус на одржување на „еколошкото уредување“ на градот се во сила од 2019 година.

Правилата, покрај забраната за јадење, вклучуваат и забрана за консумирање алкохолни пијалоци на улица, организирање обиколки по кафеани со алкохолни пијалоци и капење во градски чешми.

Локалната полиција соопшти дека извршила повеќе од 300 претреси минатиот викенд. Полицајците можат да изрекуваат казни, па дури и да им забранат на луѓето да влезат во одредена област во период од 48 часа. Повторените престапници може да добијат забрана до 60 дена.

Правилата се во служба и на борбата против прекумерниот туризам, бидејќи Рим има проблем со премногу посетители. Пред пандемијата на коронавирус, околу 10 милиони туристи пристигнуваа во Рим секоја година, пишуваат медиумите.