Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска оствари работна средба со градоначалникот на Општина Крушево Томе Христоски, соопшти МТСП.

Таа го информираше градоначалникот дека Министерството ќе продолжи со подобрување на квалитетот на услугите во социјалната заштита и сигурност, со ставање на многу посилен акцент на потребите на ранливите категории на граѓани.

„Социјалната сигурност, заштитата на децата, вработувањето на тешко вработливите граѓани преку мерката услуга и грижа во домот, се само дел од постојните предизвици кои ќе ги решаваме и во текот на оваа година. Од буџетот за 2022 година обезбедивме средства за лични асистенти за лица со попреченост од 6 до 64 години, а ќе продолжиме и со поддршката на згрижувачките семејства. Крушево со 32 згрижувачки семејства е една од водечките општини во земјава во згрижување на 39 деца и возрасни лица со попреченост. Во соработка со општината и со локалниот центар за социјална работа ќе вложиме напори за да поттикнеме нови згрижувачки семејства, како и за натамошно јакнење на поддршката за постојните згрижувачи, рече министерката Тренчевска.

Таа потенцираше дека во новоотворениот Центар за поддршка на згрижувачките семејства во Битола кој е надлежен и за општината Крушево, згрижувачките семејства добиваат постојана поддршка, практични совети, информации и обуки.

Градоначалникот Христоски посочи дека општината ќе продолжи со грижата за своите граѓани, преку активните мерки на Министерството за труд и социјална политика.