Компанијата „Virgin Hyperloop“ објави видео кое покажува како ќе изгледа возењето со овој транспортен систем во вакуумска цевка во која капсулите со патници ќе се движат со исклучително голема брзина.

Овој транспортен систем, за прв пат беше тестиран со „живи“ патници во капсулите, во пустината во Невада, САД на почетокот на ноември минатата година, кога успеа да постигне брзина од 172км на час за само 6,25 секунди.

Новото видео ги прикажува сите фази на патувањето, од пријавувањето до пристигнувањето на посакуваната дестинација.

Целиот процес е сличен како патување со авион, освен што возењето внатре во капсулите наликува на патување со воз, бидејќи пространите кабини се опремени со седишта свртени „лице в лице“.

Единствената разлика е во тоа што овие „вагони“ немаат прозорци, бидејќи нивното движење според принципот на магнетна левитација се одвива со брзина поголема од 1.200км на час.

Instagram
Instagram

За да можат патниците во капсулите да се чувствуваат помалку кластрофобични за време на патувањето, дизајнот на нивниот ентериер е направен да изгледа светло и оптимистички користејќи материјали кои потсеќаат на зеленило и природа.

Според тврдењата од компанијата, овој начин на транспорт нема да биде во комерцијална употреба пред 2030 година.

Но, откако ќе почнеме да го користиме „Virgin Hyperloop“ се надева дека овој систем ќе пренесува илјадници патници на час во колони од по 28 патнички капсули кои ќе се движат оддалечени на само неколку милисекунди.

Оваа технологија ќе ги скрати патувањата кои траеле со часови, на минути и ќе отвори многу нови можности за луѓето.

Проблемот што останува да се реши во текот на оваа деценија, сепак, е како да се намалат нејзините трошоци и дали би биле попристапни отколку да летаме со авион.