Владимир Перев

Тешка е историјата со споменикот на Тома Давидов. Корените на сите недоразбирања лежат во фактот што никој не чул или учел нешто за него. Тој е останат како личност само во преданијата на луѓето од Дебрца, а градоначалникот на Дебарца, ниту знае за него, ниту пак сака да знае…или може би грешиме. Можно е сите нешта да му се познати, ама пустата инерција од југословенското време, на која некои и се повикуваат на ФБ кај него, не дава шанса за нормален разговор.

Да го преземеме ризикот и сепак да појасниме кој бил и за што се борел славниот бугарски офицер Тома Давидов, кој загинал кај селото Оздолени, денеска во склоп на уште пославната Дебрца.

Тома Костов Давидов e роден на 2 мај 1863 во Ловеч. Го завршил истото Воено училиште во коешто се школувале Гоце Делчев и Борис Сарафов. Бил офицер од бугарската армија и припадник на Врховниот македоно-одрински комитет во Софија, подоцна станува војвода на Внатрешната македоно-одринска револуционерна организација.

Учествувал во Српско-бугарската војна од 1885, а во летото на 1895 г, земал учество во Мелничкото востание организирано од ВМОК.

На VІ конгрес на ВМОК во 1899 година бил избран за член на Комитетот заедно со Борис Сарафов, Антон Бозуков, Славчо Ковачев и Христо Саракинов.

На VІІ конгрес во 1900 година бил реизбран за потпретседател на Комитетот. Потоа разочаран од внатрешните борби во ВМОК, во 1902 г. заминува за Македонија како војвода на ревизиона чета од ВМОРО во Битолско, Охридско и Демирхисарско. Токму пред Гоце Делчев, Давидов ги кажува заветните зборови:

„Не сум од Македонија, но за нејзината слободата сум подготвен секој момент да си го дадам живот. Ќе одам таму, меѓу братскиот народ да умрам, а не тука да ја трујам душата своја за Македонија.“

Славниот бугарски офицер Тома Давидов, загинал во борба со башибозук на 15 март 1903 г. кај селото Оздолени.

Тоа се најосновните работи што треба да се знаат за Давидов. Веруваме дека со ова кратка биографска белешка, сме му биле од корист и на градоначалникот Ногачески. Сега да се навратиме на суштината на овој краток напис.

Прописите за подигање паметници споменувани во Службените весници на РМ де факто се препишани од прописите што беа актуелни во Титовото време, од Службени лист на СФРЈ, па затоа такви и толкави се ограничувањата. Како може да биде нормален фактот дека некој сака да изгради чешма, за жедните да се напијат вода, а сето тоа да мине низ невидени прописи наследени од минатото време…веројатно низ законот никаде не е ставено дека водата треба да биде исправна за пиење, а тоа е најважното. На законодавецот сепак, најважно му било чешмата да не биде посветена на некоја “непријателска или фашистичка“ личност, што најчесто се подразбира дека била од бугарска националност.

А што правиме со личностите и спомениците како оној на Зебрњак во Куманово, каде што србите нѐ “ослободиле“ од турците. Ајде, него сме го наследиле, ама што правиме со цар Душан Силни во Скопје…дилемите уште не се расчистени. Што станува со споменикот на Џемо Хаса во гостиварско, за него има споменик и кој маж ќе се најде меѓу “храбрите“ македонци да го урне, да го видиме и тоа чудо! Тоа може да им се прави само на бугарите-херои и жртви за слободата на Македонија, кои и до денес не се признати, нито во Уставот на државата, ниту како историски факти.

Долг ќе биде патот на Македонија кон ЕУ. Тој пат ќе треба да се изоди не само декларативно, туку и фактички, со вистинска промена на законодавството во земјата и неговата правилна примена. Ние сме мултиетничка заедница и секој етнос има право на своја историја…дојде времето и за бугарите. Ако сега споменикот е урнат, треба да се очекува дека ќе се оправи со средства на ЕУ, па тогаш да видиме кој ќе го руши…или пак, нека го рушат, за никогаш да не влеземе во Европа.

Впрочем, тоа е и целта на оваа земја, ама нека не ја бараат вината кај други, посебно не кај Бугарија и бугарите. Изгледа дека некој свесно заборава дека имавме Комисија за лустрација, дека некои личности се лустрирани како непријатели на македонскиот народ и другите народи во Македонија, ама се уште им се прават споменици на највидни места, а некои ги носат и имињата на установи…треба време и напори да се стигне до Европа, ама најмногу треба демократија и толерантна политика кон сите народи на територијата на оваа земја…сите имаат свои херои и сите се бореле за својата претстава за слободата!

Македонија има проблем со законодавството; има премногу закони и премалку можности и сили да ги спроведе. Некои од нив се практично тешко спроведливи. Затоа и се доаѓа до селективната примена на законите, што во суштина е најголемото беззаконие во државата. Споредбите со Тома Давидов, Џемо Хаса и цар Душан се евидентна позиција на немоќ на државата, или нејзино насилие кон најслабите…тука некаде е и идејата на отпорот бугарите да не бидат ставени во Уставот за да не добијат права на рамноправен народ, дури ниту декларативно.

На споменикот во Оздолени не треба да се гледа како на монумент за една револуционерна личност. Тој треба да се прифати како претскажување за македонската иднина, ослободена од стегите на фалшивото југословенство и национализмот, изјавен како отворен србокомунизам. Внесувњето на бугарите во нашиот Устав, само по себе, не е некакво конечно решение. Тоа е само горкото апче кое ќе треба да се испие, за да се прифатат последиците од тој чин, последици кои не само што ќе треба да ја ревидираат македонската историја, туку ќе треба да го променат и погледот кон светот, минатото и иднината, на секој поединец овде. Тука не може да помогне никој, ниту Русија, ниту Србија, ниту пак Европската унија. Ние сме оставени сами на себе си, сами да се избориме со сопствените демони, а “горкото апче“ само ќе треба да ги ублажи сопствените, нашите трауми!