Тешки зборови изнесе искусниот дефанзивец на Бразил Тијаго Силва.

Бразилците беа поразени од Аргентина со 1-0 на „Маракана“ во Рио де Жанеиро во финалето на Копа Америка во саботата вечерта. Дури и пред натпреварот се зборуваше многу за некои бразилски навивачи кои навиваат за Аргентина поради Меси.

Нејмар зборуваше за тоа, а сега и Тијаго Силва, кој е особено фрустриран од тој факт.

„Сега е време да ги наполниме батериите и да се вратиме посилни“, напиша Тијаго Силва на Инстаграм и додаде:

“За оние кои беа против нас, се надевам дека си среќен сега! Но, тогаш немој да се правиш пријател и да бараш интервјуа, билети за твоите деца и пријатели, дресови или потписи”.

Овој дел очигледно се однесуваше на новинари кои исто така беа во првите редови и кои, од една или друга причина, имаа желба Меси да го освои јужноамериканскиот шампионат со Аргентина.

Бразилскиот тим првично се спротивстави на организирање турнири во нивната земја, па дури се зборуваше и за бојкот. На крајот тие решија да играат, но излегоа со изјава во која ја критикуваат организацијата на турнирот.