За најдобар мед од костен два шампионски пехари од Србија донесе тетовецот Владимир Петровски. Овие две награди, според Владимир, не се само негови личен успех, туку показател на квалитетот на овој вид мед во Полошкиот регион, особено во потшарпланинското подрачје. Тој чува пчели во селото Непроштено, кое е опкружено токму со костенови дрвја.
Костенот е малку специфичен. Цветот на костенот кога цути во јуни, има отворена реса и кога ќе заврне дожд ја плакне ресата, па паѓа нектарот. Сега годинава имавме среќа токму тие едно две недели да не врне тој период во јуни. Поради специфичната реса, костенов мед многу малку се создава, па имаме одредена ексклузивност. Секогаш се приносите помали од пример багремот од што се добиваат значајно повеќе количини. Ако се временските прилики добри, костеновиот мед е мал по количини но многу квалитетен, објаснува тетовскиот пчелар.
Друг параметар што влијае да има квалитетен мед е времето кога ќе се собере. Владимир објаснува дека над пчелните сандаци става и помали кутии каде пчелите го оставаат медот. Но потенцира и дека иако пчеларите ги подготвуваат пчелните сандаци сè зависи од времето за добра реколта.
– Тие се таканаречени мали медишта кои полесно и побргу пчелите ги полнат, па веднаш кога ќе се наполни го тргам и така имам чист костенов мед. Ако на пример оставам да се носи мед повеќе време можно е да пчелите донесат и багремов нектар. Затоа практикувам чист костенов мед. Годинава реално и немаше багремов, изгоре цветот на багремот. Инаку во јуни годинава само една недела медеше костенот интензивно па прекина. За да меди цветот, треба температура, влага, се да биде оптимално. Премногу зависиме од временски фактори. Ние ќе ги подготвиме пчелите па потоа чекаме оптимално време за да имаме резултат. Нема што да се прави, твое е да ги подготвиш пчелите и што ќе даде времето, вели Владимир Петровски.
Така поради временските прилики, за разлика од годинава, лани во јуни подобар квалитет и принос на мед пчеларите имале од багремовите цветови отколку од костеновите.
– Сега годинава имавме среќа едно две недели да не врне тој период во јуни. Македонија има и други места каде има квалитетен костенов мед, како Поречки регион и Струмички регион ама нема тој интензитет. Но јас тврдам дека тој што ќе се научи да јаде костенов мед, потоа друг вид мед не користи. Интензивен е, јак е, има горчина, ако се научиш на него после друг вид мед го мислиш за вода, рече Петровски.
На Собир на пчелари и земјоделци „Девојачки бунар“ во Србија на почетокот на септември Петровски добил Прва награда за костенов мед, а претходно на Новосадски саем-Голем златен медал, односно прво место за квалитет на костенов мед.
-Со костеновиот мед на ниво на Балканот сме меѓу најдобрите, Босна и Херцеговина има добар мед по основа на силина, но и таму има награди за македонски производители. Таква ни е околината, таква е цела Шар Планина. Моите пчелни сандаци се во Непроштено и пчелите шетаат по костените над селото во шумата. Целата шума е костенова и дел од полето е со костенови дрвја. Кога ќе почне да цвета прво полето цвета, па после шумата, јас сум во подножје па на пчелите им е лесно да се качи празна и да собере и да слезе, истакнува пчеларот од Тетово.
На натпреварот „Девојачки бунар“ мед се оценувa преку органолептичко испитување со преглед на вкус, мирис и боја. На Новосадскиот земјоделски саем се прават органолептички но и хемиски анализи во лабораторија.
Петровски е дел од здружението на пчелари „Полошки мед“ и кое заедно со здружението„Градот на пчелите“, востановија и саем на производителите на мед во Тетово.
Александар Самарџиев/МИА