Апликацијата Телеграм вчера доби повеќе од 70 милиони нови корисници благодарение на шестчасовната блокада на Фејсбук и услугите за пораки како што се Ватсап, Инстаграм и Месинџер, изјави денеска нејзиниот основач Павел Дуров.
Фејсбук ја припишува блокадата на „погрешната промена на конфигурацијата“, што спречи 3,5 милијарди нивни корисници да пристапат до услугите Ватсап, Инстаграм и Месинџер. Проблемот предизвика глобален пад на системот што траеше повеќе од шест часа.
„Дневната стапка на раст на Телеграм ги надмина сите очекувања. Ги пречекавме бегалците од други платформи, над 70 милиони од нив за еден ден”, напиша Дуров на својот канал на Телеграм.
Тој додаде дека некои корисници во Северна и Јужна Америка можеби имале мали потешкотии, бидејќи милиони луѓе брзале кон Телеграм, апликација за текстуална и мултимедијална порака на уреди со Android, iOS и Windows во исто време, но услугата вообичаено добро функционирала за повеќето корисници.
Русија соопшти дека овој инцидент покажа дека Москва била во право кога развила свои суверени интернет платформи и социјални мрежи.