Според првичното истражување засновано на теренски податоци, сојот омикрон има „значајна“ способност да го избегне имунитетот стекнат со претходни инфекции со други соеви на ковид-19.

Наодите покажуваат дека новиот вид може да предизвика значителен нов бран на инфекции, дури и кај популациите со високо ниво на антитела.

„Сè уште не е познато дали омикрон може да го избегне имунитетот што се разви по вакцинацијата“, се вели во студијата

Зголемен ризик од реинфекција

Експертите анализирале речиси 2,8 милиони потврдени случаи на инфекција со ковид-19 во Јужна Африка од март 2020 година и откриле дека 35 670 луѓе биле повторно заразени со ковид, пренесува Скај њуз.

Студијата покажува дека ризикот од повторна инфекција за време на брановите од бета и делта соевите бил помал отколку за време на првиот бран предизвикан од видот откриен во Вухан.

Експертите од НИЦД заклучуваат дека неодамнешното ширење на варијантата омикрон е поврзано со намален ризик од првата инфекција и зголемен ризик од втората.

Добри вести

Експертите за заразни болести, Ана фон Готберг, од НИЦД, на состанокот на Светската здравствена организација (СЗО) изјави дека сојот омикрон не изгледа позаразен од претходно доминантниот вид и дека сегашниот пораст на случаи во Јужна Африка веројатно се заснова на чувствителноста на населението на повторна инфекција.

Сепак, Готберг додаде дека постојат докази дека оние кои повторно ќе се заразат со новиот вид на ковид-19, омикрон, имаат благи симптоми и тоа го посочи како „добра вест“.