Тим доктори специјалисти од Клиника Жан Митрев со „Здравствениот караван“ ќе прави бесплатниспецијалистички кардио прегледи за пензионерите од целата држава. Спроведувањето на бесплатните прегледи е дел од Меморандумот за соработка потпишан денеска меѓу Клиничката болница Жан Митрев и Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија, одбележувајќи го Меѓународниот ден на здравјето.

Целта на „Здравствениот караван“ и бесплатните прегледи е да се зголемат можностите и пристапот до специјалистички прегледи за сите оние што немаат и не можат да добијат мислење од доктор за својата здравствена состојба. Клиниката Жан Митрев со овој караван ја зголемува грижата за здравјето на граѓаните и посебно за ранливи категории и оние без можност за консултации со доктор. Со прегледите ќе се прави и советување и едукација за правилно и навремено дијагностицирање на можни заболувања, сѐ во насока на превенција на срцеви заболувања.

Програмата и начинот на спроведување на Здравствениот караван е направена во соработка со претставниците на Сојузот, кои беа присутни при потпишувањето на меморандумот во состав: г-ѓа Станка Трајкова Претседател на Сојузот на пензионери, примариус д-р Стојанче Стефановски Претседател на комисијата за здравство и социјална политика при сојузот, г-ѓа Менка Темелковска – секретар на извршниот одбор на Сојузот на пензионери на Македонија и г-дин Васил Пачемски уредник во весникот Пензионер Плус.

Во име на клиниката д-р Емил Стоицовски, анестезиолог, д-р Елена А. Виларова медицински директор и д-р Жан Митрев ги пречекаа.

Прегледите ќе содржат анамнеза, ЕКГ, ултразвучен кардио васкуларен преглед и контрола на ТА. Здравствениот караван ќе се спроведува во соработка со локалните/подрачни пензионерски здруженија во текот на месеците мај и јуни, а ќе ги посети оние места и градови каде пристапот до специјалистички преглед е оневозможен.

Со оваа активност Клиниката Жан Митрев ја подигнува јавната свест во насока на грижа за кардиоваскуларното здравје со навремена превенција од кардио заболувања на посебни целни групи и навремено идентификување и намалување на ранливоста.

Исто така, со општествено одговорниот однос кон граѓаните на Македонија и нивното право на пристап до редовни специјалистички прегледи, Клиника Жан Митрев карванот го спроведува под мотото „Здравје за сите“ што е годинешниот фокус од СЗО на одбележување на Меѓународниот ден на здравјето.