За само година и половина имаме засилување на хибридните закани и напади, не само во Северна Македонија туку и во државите во регионот, кажа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во гостувањето во ТВ Шења.

-Такви се заканите и до училиштата, да создаваат чувство на страв. Но, тука државата покажа капацитет за да се сочува мирот и стабилноста.
Пораките што тука ги добиваме, односно училиштата, се исти со тие од регионот, во Хрватска, во Србија, во Црна Гора, во Босна и Херцеговина и други, дури и текстот е идентичен само на друг јазик. Тоа значи дека има еден центар на моќ кој сака овој регион да го доведе во ниво на неспокој.

Сите капацитети се ставени во функција. Соработуваме и со Интерпол и Европол, сите до еден се вклучени во процесот. Имаме сериозен проблем во детекцијата, бидејќи се користи ВПН-мрежата и тешко се доаѓа до ИП-адресата, па затоа ова е транснационален криминал, не можеме да дознаеме кој го прави, но знаеме зошто го прави – за да се спречат сите процеси за земјата и во регионот, кажа Спасовски.