Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека и понатаму се утврдува идентитетот на лицето кое вееше знаме со карта на т.н голема Албанија во Тетово при престојот на албанскиот премиер Албин Курти, како и дека се прибираат информации по објавата на фотографијата од лицето.

На новинарско прашање по настан на МВР и Агенцијата за млади и спорт, Спасовски повтори дека лицето не е вработено во Министерството за внатрешни работи истакнувајќи дека ќе се утврди  идентититетот и оти ќе има правда и во случај да е странски државјанин.

-Не велиме и не демантирам, едноставно човекот што го носеше знамето не е вработен во МВР. А кого би знаеле ако не ги знаеме вработените во МВР? Јас се надевам дека и раководството во телевизијата во којашто работите ве знаат сите кои сте.  Според тоа, знаејќи дека инспекторот или лицето кое се посочува не е тоа лице ние затоа објавивме и фотографија, јавна објава, за да видиме во однос на препознавањето на ова лице и понатаму утврдуваме кој би бил идентитетот на ова лице. Имаше лица кои и не се од Република Северна Македонија дојдени од надвор на тие средби. Како што ќе добиваме информација ќе добиете секако повратна информација и вие, изјави Спасовски.

Прашан дали објавата резултирала со некаква дојава Спасовски рече дека има информации што веќе ги прибираат и оти ќе се утврди идентитетот на лицето кое ќе одговара за кривично дело.

-Станува збор за информации што ги прибираме, имаме информации што веќе ги прибираат колегите и од СВР Тетово и на ниво на МВР, јас мислам дека ќе се утврди идентитетот на ова лице, класификацијата секако дека е кривично дело согласно со препораките што ги даде јавниот обвинител и на основа на тоа ќе се преземат мерки, рече Спасовски.

Ако лицето е странски државјанин, како што истакна, ќе се искористат сите правни механизни да биде изведено пред правосудните органи.

-Секако дека ќе дојде до правда затоа што ако е странски државјанин  постојат механизми преку распишување на потерници, објави итн и секако дека ќе ги искористиме сите правни механизми за да дојде до реализација на целиот овој случај и да биде изведен пред лицето на правдата, изјави Спасовски.

Знаме со карта на таканаречена „Голема Албанија“ која опфаќа делови од Македонија, Црна Гора, Србија и Грција се вееше на концертот кој Општина Тетово го организираше на 12 месецов, по повод пречекот на косовскиот премиер Албин Курти.