Денеска беше поставен камен-темелник на Полициската станица од општа надлежност Аеродром, во рамки на Секторот за внатрешни работи Скопје, со што официјално почнува градбата на нов објект на оваа организациона единица. На настанот се обратија претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, а во присуство на министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, раководството на МВР, претставници од локалната самоуправа од Општина Аеродром, како и пратеници од Собранието на Република Северна Македонија.
– Новата Полициската станица Аеродром претставува трет објект во низата нови градби на Министерството за внатрешни работи, по ИКТ Центарот за чување и заштита на податоци и за опоравување од катастрофи во Прилеп, како и по најсовремената Форензичка лабораторија на Балканот во склоп на Одделот за форензички испитувања во кругот на МВР. Предвидениот рок за изградба на објектот е 30 месеци од денот на воведување во работа на економските оператори изведувач и надзор, со вкупна вредност од околу 130.000.000 денари со вклучено ДДВ, предвидени од буџетот на Република Северна Македонија, истакна министерот Спасовски.
Министерот Спасовски го изрази задоволството што продолжува концептот „Сината униформа дејствува за зелена околина”. Тој истакна дека така, се остварувар целите на одржливиот енергетски развој, намалување на негативните влијанија врз животната средина при вршењето на енергетските дејности и потрошувачката на енергија, подобрување на сигурноста во снабдувањето со енергија, како и исполнување на меѓународните обврски на Република Северна Македонија.
Изминативе пет години реконструирани и реновирани се 80 објекти на МВР низ државата, а министерот најави уште две реконструкции – на Центарот за обука во Идризово и на Одделот за граѓански работи во МТВ.