Мораме да се избориме со најголемото зло на денешницата, а тоа е корупцијата, порача денеска од Брисел министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата.

Спасовски напомена дека токму на таа тема разговарал и денес со еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон, односно за јакнењето на нашите капацитети, за борбата против криминалот и корупцијата, борбата против тероризмот и илегалната миграција.

-Пристапните преговори за членство во ЕУ ќе нè насочат уште побрзо да ги јакнеме нашите институции, посебно во делот на борбата против корупцијата. Таа борба нема да биде ни брза, ниту лесна, меѓутоа мора да продолжиме со посветеност и со цврста политичка волја, заради тоа што тоа си го должиме пред сѐ на нас самите и на нашите идни генерации. Должни сме да ги јакнеме институциите, да имаме брз и ефикасен одговор, за да покажеме и ефикасност во борбата против корупцијата, вели Спасовски.

Денешното раководство, додава Спасовски, ја има пред себе и оваа борба и мора да покаже дека може ефикасно да се справи со корупцијата, да вложува и да ги демократизира институциите на системот и да подобри дел од општественото живеење во Северна Македонија.