Дијалогот, соработката и имплементацијата на иновативни решенија засновани на стандардите на ЕУ се основните столбови на кои се потпира успешната иднина на државите-членки на ЦЕФТА. На патот кон поврзување на поединечните пазари во Заеднички регионален пазар кој економски ќе расте, државите-членки на ЦЕФТА имаат партнери и патна карта, но мора што поскоро да ја потврдат својата посветеност на оваа цел.

Ова беа главните заклучоци од Конференцијата за неделата на ЦЕФТА 2022 насловена „ЦЕФТА: Чекор поблиску до Заедничкиот пазар на ЕУ“, што се одржа во Брисел, а на која присуствуваа клучните регионални актери и партнери.

На конференцијата се сумираше постигнатото и се утврдија насоките на идното заедничко дејствување во 2023 година, кога Црна Гора ќе го преземе претседавањето со ЦЕФТА од Молдавија.

Думитру Алаиба, министер за економија на Молдавија изјави дека регионалната соработка е суштински елемент за интеграцијата во ЕУ, и иако географски сме лоцирани во различни региони, на крајот на денот се стремиме да ја постигнеме заедничката цел за поголема економска интеграција.

– Со оглед на фактот дека Република Молдавија неодамна доби статус на кандидат за ЕУ, како и мнозинството земји членки на ЦЕФТА, темата на дискусија за овогодинешната годишна конференција е многу добредојдена и ја следи заедничката цел на сите нас: „ЦЕФТА: Чекор поблиску до Заедничкиот пазар на ЕУ, посочи Алаиба.

Според директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА, Емир Џикиќ, последиците од економската и социјалната криза дополнително ја истакнале потребата од системски регулиран пазар којшто ќе биде основа за напредок и економско закрепнување на целиот пазар на ЦЕФТА.

На маргините на конференцијата, царинските администрации на Босна и Херцеговина, Хрватска и Црна Гора потпишаа меморандуми на разбирање, со што дополнително се прошируваат зелените ленти со Европската унија.

– Заедно со веќе потпишаните со Грција и Италија во јули и септември оваа година, иницијативата отиде чекор подалеку со создавање на основа за олеснување на трговијата и намалување на нелегалната трговија со ЕУ. Поконкретно, проширувањето на ЦЕФТА-ТЦТ Зелените ленти со Грција и воспоставувањето Сини ленти со Италија, со поддршка на СРС и Европската комисија, се очекува да резултира со ублажување на царинските постапки и подобро поврзување на царината на ЦЕФТА и земјите-членки на ЕУ. На овој начин, директен бенефит имаат компаниите чии камиони поминуваат процедури на граничните премини, што носи заштеда и подобра контрола на работата, а го намалува метежот. Четири важни одлуки чекаат да бидат усвоени од Заедничкиот комитет: Одлука за олеснување на електронската трговија, Одлука за услуги за испорака на пакети меѓу државите-членки на ЦЕФТА, Одлука за спречување на неоправдано гео-блокирање и Одлука за признавање на програмите AEOS, се наведува во соопштението.

Со овој сет на одлуки, според Џикиќ, ЦЕФТА продолжува да се позиционира како основа на економската интеграција на регионот.

– Постои патна карта, како и начини за надминување на предизвиците и изнаоѓање решенија кои ќе работат на целиот пазар на ЦЕФТА преку постепено усогласување со законодавството и политиките на ЕУ. Ова е поддржано и од податоците дека регионалната трговија се зголемила преку ЦЕФТА меѓу 74 проценти и 127 проценти и дека трговијата со стоки и услуги се либерализирани и дополнително се олеснуваат, во согласност со политиките на ЕУ. Како што е соопштено во СРС Балкански бизнис барометар, само 22 проценти од бизнисите во регионот сметаат дека економската состојба е подобрена во 2022 година, додека 60 проценти од бизнисите велат дека имаат корист од ЦЕФТА. Довербата што ја имаат во нас во справувањето со последиците од економската криза и создавањето нови трговски можности треба да биде наша клучен поттик да ги исполниме ветувањата што ги дадовме на самитот во Софија во 2020 година и на самитот во Тирана оваа недела, нагласи Џикиќ.

Државниот секретар во Министерството за економски развој и туризам на Црна Гора, Арменд Мила, најави дека Црна Гора за време на своето претседавање ќе вложи дополнителни напори за подобрување и зајакнување на регионалната трговска соработка меѓу државите-членки на ЦЕФТА и подобрување на добрососедските односи.

-Со оглед на тоа што на Заеднички комитет не беше постигнат консензус за усвојување на горенаведените одлуки, Црна Гора во својата улога како иден копретседавач со ЦЕФТА во 2023 година, ги повика сите страни на ЦЕФТА да вложат дополнителни напори и преку конструктивен дијалог да се обидат да се постигне консензус и да се донесат горенаведените одлуки, рече Мила.

Еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји во видео порака посочи дека ЕУ стои со регионот и го поддржува со економски и инвестициски планови.

Во рамки на конференцијата беа организирани три панели посветени на трговијата со стоки, електронската трговија и целите и можностите во претседавањето во 2023 година.