Собранието нема соодветен имотен лист. Наодите на Државниот завод за ревизија од контролата во 2020 година во Законодавниот дом истакнуваат низа забелешки. Имено, Парламентот нема потврда за право на сопственост, за користење на земјиштето и објектот. Зградата е во сопственост на државата, но правото на сопственост и користење не е запишано во Агенцијата за катастар. Владата може да одлучи да ги пренесе имотите на привремено или трајно користење, со или без надомест, но според законот, неопходно е да се регистрира правото на сопственост или користење на имотот. Ревизорите утврдиле дека законодавецот на пратениците им издвоил и многу пари за патни трошоци.
„Утврдивме дека во текот на 2020 година на пратениците им биле исплатени хонорари за користење на приватни автомобили за службени цели во вкупен износ од 12.881.000 денари, како и суми за патарини во износ од 1.092.000 денари“, соопштуваат од Државна ревизија, пренесува Алсат.
Ревизијата констатира дека Собранието нема утврдено критериуми за квалификациите и професионалните компетенции на надворешните соработници кои ги ангажираат пратеничките групи. Забелешки има и за сметководствената евиденција.
„Потребно е да се донесат сметководствени политики за подготовка, презентирање и објавување на финансиските извештаи, со цел внесувањето на податоците во деловните книги да биде усогласено со меѓународните сметководствени стандарди за јавниот сектор“, соопштуваат од Државна ревизија.
Против Собранието се водат 26 судски постапки во кои тужителите бараат отштета од 19 милиони денари. Поднесени се тужби за нематеријална штета, повреда на лични права, незаконски откази, конфликт на работа и слично.
Ревизијата наведува дека од 72 канцеларии за контакт на пратениците со граѓаните, 26 не функционираат.