Две деца, на возраст од 17 и 18 години, како и возачот на автобусот кој превезувал ученици, се убиени  во оружен напад кај селото Глоѓан, во близина на градот Дечани во западно Косово, кој се случи синоќа.

Официјални извори од регионалната полиција во Пеќ, под чија надлежност е областа во која се случи инцидентот, изјавија за медиумите дека, според првичните информации, засега непознато лице отворило оган од автоматско оружје врз автобусот, при што на самото место загинал возачот, а двете деца починале во болницата во Пеќ, каде што биле пренесени. Уште едно лице е рането и, откако му е пружена лекарска помош, се наоѓа надвор од животна опасност.

Од регионалната полиција во Пеќ засега ја исклучуваат можноста од терористички напад.

Заменикот командир на полицијат во Пеќ, Ветон Елшани, изјави за медиумите дека „поголема е можноста цел на нападот да бил некој кој што во моментот се наоѓал на местото на настанот“.

Претседателот на Глоѓан, селото каде што се случи убиството, Мустафа Селмани, изјави за медиумите дека децата кои сведочеле на настанот кажале оти врз автобусот со „калашников“ пукало лице кое носело маска.

Косовскиот премиер Албин Курти, изразувајќи им сочувсвто на семејствата на жртвите, објави дека „полицијата со своите целосни капацитети е мобилизирана за расветлување на тешкото злосторство и за обезбедување правда“.

Според српските медиуми, одмазда е мотивот за трагедијата. Како што јавува српски Курир, пукањето кон автобусот со ученици се случило, откако возачот и кондуктерот го исфрлиле еден од патниците, бидејќи ги малтретирал девојките. Потоа момчето земало калашников и го чекал автобусот по што пукал. Досега се идентификувани три убиени лица и тоа возачот Гани Ѓокај и учениците од селото Глоѓане Љ.Х.(19) и Г.М.(17).

Убиецот е во бегство, а полицијата интензивно трага по него.