Легендарната музичка дива Барбра Стрејсенд, една од најпродаваните изведувачи на сите времиња, денес го прослави 79-от роденден.

Родена е во еврејско семејство во Бруклин во Њујорк. Нејзиниот татко, наставник, починал кога таа имала само 15 месеци, а потоа таа не се сложувала најдобро со својот очув. Нејзината сестра, Рослин Кајнд исто така е пејачка. Нејзината мајка, Дајана Ајда Розен, не ја подржувала Барбара во желбата да се занимава со шоу бизнис, сметајќи дека таа не е доволно убава.

Барбра завршила училиште во Еразмус Хол каде матурирала како една од најдобрите ученички и пеела во хорот со Нил Дајмонд, а се дружела и со шаховскиот првак Боби Фишер. Барбра никогаш не била на колеџ.

Уште како тинејџерка започнала да пее во ноќните клубови. Сакала да биде актерка и се појавила во неколку оф-бродвејски претстави – во една глумела со Џоан Риверс, која исто така сакала да стане актерка. Нејзиното тогашно момче, Бери Денен, и помогнало да го осмисли својот прв настап со кој започнала да стекнува слава како пејачка, најпрвин во геј баровите во Гринич Вилиџ на Менхетен, 1960 година.

Името Барбара го скратила на Барбра со цел да биде попрепознатлива.

На 19 години, 1962 година се појавила за првпат на Бродвеј, во мјузиклот „I Can Get It for You Wholesale“. Истата година го потпишала договорот со музичката куќа Колумбија Рекордс. Нејзиниот прв албум, „The Barbra Streisand Album“ излегол во 1963 година и со него таа освоила две Греми награди.

Нејзините наредни албуми исто така биле успешни, така што во еден момент нејзините први три албуми се нашле истовремено меѓу првите десет на Билбордовата топ листа и тоа во време кога рокенролот и Битлси доминирале на топ листите.

Во 1964-та година таа добила улога во претставата „Смешна девојка“, базирана на животот на Фани Брајс.

Улогата најпрвин требало да и припадне на актерката Ен Банкрофт, но Џул Стејн, авторката на музиката за претставата, по гледањето на претставата „I Can Get It For You Wholesale“ ја посакала Барбара за главна актерка.

По неколку успешни појавувања на телевизија, меѓу кои било и шоуто на Џуди Гарланд, во 1965-та година таа ја добила својата емисија Си-Би-Ес под насловот „Се викам Барбра“.

Среќен роденден Барбра Стрејсенд!