Скоро 30 отсто од жените користат боледување поради симптоми на менопауза, но само мал дел од нив ја наведуваат отворено оваа причина за боледување.

Се смета дека една жена е во менопауза кога ќе поминат 12 месеци од нејзината последна менструација.

Дури 65 отсто од жените велат дека се чувствуваат неподготвени за она што може да го донесе менопаузата. Затоа е неопходна емпатија и индивидуализирана грижа за секоја жена која се движи низ оваа сосема природна, но понекогаш стресна фаза од животот.

Менопауза, понекогаш наречена „промена на животот” го сигнализира крајот на способноста на жената да има деца. Менопаузата, е природен дел од стареењето кој се должи на природното опаѓање на репродуктивните хормони кај жената, почнувајќи некаде од 45-та до 55-та година.

Во 1984 година Светската здравствена оргранизација (СЗо) го избра 18. Октомври за Светски ден посветен на менопаузата заедно со Меѓународното здружение за менопауза (ИМС).

Овој датум треба да ја подигне свеста и да ја намали стигмата поврзана со неа, како и да ги нагласи достапните опции за поддршка и подобрување на здравјето и благосостојбата на жената во понатамошниот тек на животот.

Менопаузата,односно периодот околу неа (таканаречена перименопауза) ужива “лоша репутација” токму поради бројните симптоми кои предизвикуваат фрустрација кај многу жени – како што се топли бранови, ноќното потење, сувоста на вагината, главоболки, зголемување на телесната тежина, намалена концентрација, промени во расположението и анксиозност. Симптоми кои секоја жена различно може да ги доживее, но и кои може многу да варираат и да траат повеќе години.

Оваа година WHO и IMS го празнуваат светскиот ден на менопауза подигнувајќи ја свеста за „менопаузната магла” или “brain fog” која опфаќа бројни симптоми како: тешкотии во учењето и вербалната меморија – тешкотии во помнењето зборови и бројки, намалена концентрација (лесна расеаност, губење на мислата), тешкотии при почетокот на секојдневни задачи, заборавање на причината за одредени активност (како – зошто, или по што дојдов во собава), заборавање на состаноци, значајни датуми и настани. Менопаузната мозочна магла е нормална и вообичаена во средовечните години, таа не е само имагинација на жената, и истата може значително да влијаат врз квалитетот на животот на една жена.

Притоа, дури кај три од пет жени, на возраст од 45 до 55 години, симптомите асоцирани со менопаузата негативно им влијаат врз квалитетот на реализација на работните обврски. Две третини од нив се жалат на помала способност да се сконцентрираат на работните и секојдневни обврски, а кај повеќето од половина ова предизвикува стресна состојба.

Неколку фактори на ризик кои можат негативно да влијаат на когнитивно здравје кај жените во перименопауза се: обезноста, нерегулираниот висок крвен притисок, дијабетесот, пушењето цигари, физичката неактивност, намалената социјална интереакција, когнитивната неактивност, анксиозноста и депресијата.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.