Синдикатите се предомислија од договорот постигнат во понеделникот за зголемување на платите во јавниот сектор. Иако до крајот на неделава требаше да се потпише Општиот колективен договор, тоа не се случи. За вторник е закажана нова седница на Социо-економскиот совет бидејќи дел од синдикатите поднесоа нови барања. Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска рече дека денеска добиле дополнителни барања од синдикалците кои не биле доставени на претходните средби, јавува Алсат.
Иако договорот не беше потпишан, за зголемување на платите за 10 отсто од септември во целиот јавен сектор, надлежните велат дека текстот се подготвува, работната група ги дава завршните белешки.
На договорот што го склучија во понеделникот со Владата цела недела се спротивставуваат синдикатите на вработените во УЈП, Царината, Судската администрација, Јавната администрација, здравството, образованието и други. Со реакција се огласи и првиот човек на СОНК, Јаким Неделков, кој реплицираше на пост на министерката Тренчевска за неколкукратното зголемување на платите кај воспитувачките односно платите на воспитувачките и негувателките во градинките сега се 36.000, односно 27.500 денари.
„Министерката Тренчевска барем да кажеше дека сегашните плати на воспитувачите и негователите ги кажува во бруто износ. Или ако се во нето, барем да ги кажеше вистинските износи. Или ако не беше сигурна, требаше да праша некого во градинката каде што беше, ќе и кажеа“, рече Јаким Неделков, претседател на Синдикатот за образование, наука и култура.
„За волја на вистината, воспитувач со високо образование има 30.697, со вишо 28.317, а негувател 23.718 денари нето плата. На што се должи оваа лажна информација на министерката, може само да претпоставуваме или таа да ни објасни?!“, реагира претседателот на СОНК.
Договорот што беше објавен во понеделникот предвидува септемвриската плата за сите вработени во јавниот сектор да се зголеми за 10 отсто, да има „К-15“ од 10 илјади денари за сите вработени во јавниот сектор, додека, од следната година „К-15“ во јавниот сектор ќе изнесува најмалку 30 отсто од платите што ги добиваат. Следната точка беше онаа од новата методологија што ќе се применува од март 2025 година дека платите во јавниот сектор ќе се зголемат со земање на просечната плата и плус коефициентите како бруто основа.