„Денеска ќе ги презентирам ставовите на пратеничката група, кои се ставови не само на  партијата ВМРО-ДПМНЕ, туку и на Социјалистичката партија, Демократската партија на Србите, но се разбира јас нема да ја заборавам мојата професионална локација и ќе ги презентирам и моите лични ставови низ призма на националното уставно право, компоративното уставно право, но и европското право“, истакна Гордана Силјановска Давкова, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на собраниската седница.

Силјановска Давкова додаде амандманот 35 вели дека Републиката ќе го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави.

„Но, обратното последниве триесет години и се случува на Македонија. И ова јас го нарекувам уставен садомазохизам“, нагласи пратеничката.

„Моето основно прашање денеска е што би рекол господинот Бадентер, некогашниот претседател на ЕК која ги оценуваше Уставите вклучувајќи го и македонскиот, кога препорача веднаш да усвоиме еден амандман на Уставот во кој ќе напишеме дека немаме територијални претензии кон соседите и да го смениме знамето и дека портите на Европската заедница за нас ќе бидат отворени. И така како во 101 приказна“, рече  Силјановска Давкова.

„Рацете ги искршија пратениците различни во овој парламент менувајќи го уставот, и ако промената на Уставот била евроинтегративен фактор ние денеска ќе претседававме со ЕУ, ама се уште не е така“, рече Силјановска Давкова.

Таа потсети дека наметнатите уставни измени не одат рака под рака со европската демократија, ЕУ за да биде заедница мора да ги почитува европските вредности.

„Лажна е тезата за дилемата за запад или исток, дилемата е дали Македонија ќе биде се што имаме или се што немаме, дали ќе бидеме пристојна мала држава или ќе бидеме протекторат.  Никогаш и никаде преамбулата не била гаранција или место за промоција на етнички идентитети, туку е филозофијата на Уставот. Устав не се менува во последна година од мандат. Сега од еден ренесансен министер слушаме дека процесот можел да заврши до крајот на мандатот, до последниот пратенички крик. Прашањето е од кого ни извира легитимитетот, од ЕУ или од граѓаните? Што велат граѓаните? Каде е мандатот за оваа измена? Член 2 став 2 од Уставот вели дека суверенитет извира и им припаѓа на граѓаните. Треба ли да ги прашаме граѓаните“, прашува Силјановска Давкова.

Таа ги прашува тие од владата кои ги прифатија овие измени со преговарачка рамка преку протокол, дали заборавија дека не се законодавен орган и не може да преземаат обврски на Собранието.

„Заборавија дека се за влез во ЕУ еден можен ден се одлучува со двотретинско мнозинство по кое е потребен референдум во кој треба да гласаат 50% од запишаните гласачи. Денеска е тестот за ова. Зошто не ја ставивте преговарачката рамка на гласање, туку некакви заклучоци, бујрум отворете го процесот, не можете“, изјави таа.

Силјановска Давкова нагласи дека она што се бара од нас е спротивно на европските вредности.

„Во ниту еден годишен извештај досега нема забелешка за отсуството на Бугарите од Уставот, Бугарија и кога не признаваше немаше забелешка за ова. Не е преамбулата од таква важност, туку нормативниот текст“, истакна таа.

„Не сме против ЕУ, не сме против Бугарија, меѓутоа членот 8 од Лисабонскиот договор  повикува на реципроцитет во меѓународните договори. Бугарија е потписник и ја ратификуваше Рамковната конвенција за заштита на правата на малцинствата. Бугарија има Совет за малцинства, а таму ги нема Македонците. Значи мора да ги има!“, нагласи пратеничката.

Таа рече дека таа има забелешка на сите три амандмани. Лаички е пристапот. Дури и насловот е погрешен. Образложението е катастрофа.

„Не може именик да правиме од Преамбулата! Важна е суштината. Ама најважни се Копенхагеншките критериуми да ги примениме. Не смее патот за Брисел да води преку Софија“, укажа Силјановска Давкова.

Таа истакна дека пратениците како претставници на граѓаните ќе гласаат по сопствено убедување и нема да ги поддржат уставните измени.

„Камбаните овој пат бијат за Македонија и крајно време е да покажеме дека сме пристојна европска држава која сака на патот кон ЕУ да оди исто како сите сегашни членки. Не смее да има посебни критериуми и преседани за нас. Затоа мислам дека овој предлог не треба да се поддржи, туку треба да се прашаат граѓаните на избори, бидејќи оваа власт е целосно делегитимирана“, заклучи Силјановска Давкова.