Податоците за бројот на заразени во земјата сѐ повеќе охрабруваат, објавуваат шведските медиуми, додавајќи дека најконтроверзната фигура – главниот шведски епидемиолог, Андерс Тегнел, најавува дека според сегашните проценки, од средината на овој месец ќе продолжат олеснувањата на дел од мерките.

Advertisements

Така, меѓуградскиот автобуски превоз ќе биде дозволен со полн капацитет, а сличните мерки за 50% исполнетост ќе бидат укинати и во другите сектори, пренесува шведскиот портал „The Local“.

Сепак, останува препораката да се држи растојание, како и сите оние кои можат да работат од дома, особено ако некој има какви било симптоми на ковид-19.

Ништо не се менува кога станува збор за ограничениот број публика на јавни настани, како и правилата што важат во рестораните и кафулињата кои работат и за време на целата пандемија. Сепак, додека се чека да бидат донесени новите правила, максималниот број на луѓе во овие објекти ќе се зголеми од четири на осум.

„Чекор по чекор, се движиме кон општество без ограничувања. За да успее овој план, условот е притисокот врз здравствениот систем да остане што е можно помал, а бројот на вакцинирани да биде што е можно поголем“, изјавил министерот за трговија и индустрија, Ибрахим Бајлан.

На прашањето дали има планови да се воведат контроверзните ковид пропусници во Шведска, кои таму се издаваат исклучиво на оние на кои им се потребни за влез во земја на ЕУ, Тегнел одговори дека такви планови воопшто нема. Сепак, министерот Бајлан не ја отфрли потполно таквата можност додавајќи дека  зависи како ќе се движи развојот на настаните.

Кога станува збор за маските, тие не беа задолжителни никаде во Шведска во кое било време од пандемијата. Останаа само препорака за во јавниот превоз за време на утринскиот и попладневниот „шпиц“, но и таа препорака неодамна беше поништена.