Очекувањата од новата година која е пред прагот ни ги разгорува желбите за подобро утре. Веруваме дека новата година ќе биде поубава од годината која изминува и ќе ни ја исполни на сите нам најголемата желба.

Токму затоа составивме листа со омилени јавни личности, ги контактиравме и им поставивме неколку навидум многу едноставни прашања. Но, одговорите беа тотално различни, искрени и полни со нова надеж.

Денес се дружиме со Драган Спасов – Дац, актер кој има остварено бројни и значајни улоги во театарски претстави, филмски и телевизиски проекти. Во неговото семејство се ниже веќе третата генерација актери од неговиот татко Стево Спасовски, преку него и денес неговите синови. Се надеваме дека оваа низа ќе продолжи.

Оваа тешка година, благодарение на хитовите кои ги создаваат Дац и Александар Митевски ја поминавме полесно бидејќи ни дозволија да танцуваме барем во нашите домови во ова корона- време.

Прекарот Дац потекнува од негова соученичка од основно училиште и од тогаш останале да го користат неговите пријатели, познаници, па дури и јавноста го знае повеќе како Дац отколу како Драган.

Драган ни одговори на нашите две кратки прашања, а следеа овие одговори:

Го прашавме што ја одбележа неговата 2020 година на личен план?

2020 ќе ја паметам највеќе по проширувањето на нашето семејство. На почетокот на октомври во нашиот дом пристигна Танго, кутре од расата „бигл“. Ќе ја паметам и по многуте песни испеани со Александар во карантинскиот период. И ќе ја паметам по љубовта и разбирањето во нашиот дом кога тоа беше најнеопходно и најпотребно! Сѐ друго сакам да заборавам!

А што очекува Дац од новата година?

Во 2021 сакам да не се потсетувам на ништо што сакам да заборавам од 2020 година. Посакувам здравје, љубов, среќа и пари. Другото не е важно!

За новата година ги имаме истите искрени желби како Дац, а веруваме и повеќето од вас.