Се поголем е бројот на заразени лица во Шпанија, затоа во некои региони се воведени ограничувачки мерки, само неколку недели откако беа укинати.

Ноќниот живот ќе биде целосно суспендиран во најмалку 16 градови во регионот Кантабриа, јавува СРНА.

Зголемување на бројот на заразени лица е регистрирано и во Каталонија. Властите повикаа на лица над 16 години да се вакцинираат по огромното зголемување на бројот на пациенти.

Во фокусот на програмата за вакцинација во Шпанија досега беа старите лица, ранливите групи, со што се занемаруваа тинејџерите и помладите луѓе.

Досега, скоро 40 проценти од 47 милиони жители на Шпанија се целосно вакцинирани, што е меѓу најголемите во Европа, но многу помалку кај помладите.

Според најновите податоци на Министерството за здравство, стапката на инфекција кај лица на возраст од 20 до 29 години е скоро три пати поголема од порано.

Бројот на заразени е многу поизразен кај тинејџерите, што е резултат на патувања и забава на крајот на учебната година.

Илјадници луѓе се изолирани затоа што повеќе од 1.000 биле заразени за време на студентски патувања на островите Мајорка.