Саботните натпревари Атлетико Мадрид – Атлетик Билбао и Осасуна – Реал Мадрид би можеле да бидат одложени поради снежното невреме што зафати големи делови на Шпанија.

Најпогодена е престолнина Мадрид, јавуваат попладнево локалните медиуми, наведувајќи дека станува збор за најобилни снежни врнежи во последната деценија.

Под снег се стадионите на Атлетико Мадрид, Реал Мадрид, Рајо Ваљекано и Хетафе, а сите натпревари на мадридските младински екипи претстојниот викенд се откажани.

Според метеоролозите, температура во Мадрид ноќта меѓу петок и сабота ќе се спушти до минус шест степени Целзиусови, а интензивни врнежи од снег ќе продолжат во следните 24 часа.

Под обилни снежни врнежи е и Памплона, на северот на земјата, што го доведува во прашање гостувањето на актуелниот првак Реал против Осасуна.

-Не знаеме што ќе биде. Ние попладнево заминуваме (за Памплона) и се подготвуваме како и секогаш. Доколку има одлука да се игра, ние ќе играме, но во секој случај тоа би бил еден поинаков натпревар, изјави тренерот на Реал, Зинедин Зидан.(МИА)