Коронавирусот постојано се развива и неговите нови мутации се случуваат интензивно и континуирано. Како што започна масовната вакцинација против Ковид-19, постои индикација дека патогенот ќе преживее во нашето опкружување со преминување кон нов домаќин – домашни животни.

Експертите од Универзитетот во Источна Англија (УЕА) и Универзитетот во Минесота, изјавија дека коронавирусот може да зарази широк спектар на животински видови, вклучително и кучиња и мачки.

Кок ван Остерхот, професор по еволутивна генетика на УЕА, рече дека кучињата и мачките можат да бидат заразени, но дека не е познат случај во кој вирусот е пренесен на луѓето. Како и да е, превентивно, но и поради брзите мутации, мора да бидеме подготвени на секоја можност кога станува збор за коронавирусот , изјави тој.

Александар Гинзбург, директор на центарот „Гамалеја“, истакна дека коронавирусот сè уште не го реализирал својот патоген потенцијал и дека следната фаза на инфекцијата ќе биде кај домашните животни, пренесува Спутник.

Тој исто така додаде дека мора да бидеме подготвени за долг соживот со овој патоген, и затоа животните ќе мора да бидат подложени на имунизација.

Роселхознадзор, Федерална служба за ветеринарна и фитосанитарна супервизија на Русија, ја разви вакцината за животни Карнивак-Ков, која ќе биде претставена на крајот на април, според Спутник. Оваа вакцина е наменета за спречување на инфекција со коронавирус кај животни што носат крзно, кучиња и мачки.