Министерството за образование и наука ги опремува кабинетите по историја и географија во основните училишта во државата со наставни и надгледни средства за реализација на наставата согласно новиот концепт за основно образование.
Процесот на опремување на училишните кабинети денеска го следеше министерот за образование и наука Јетон Шаќири, во основното општинско училиште „Мурат Лабуништи“ во струшкото село Лабуништа.
– Од септември во сите основни училишта во државата ќе бидат на располагање новите наставни и нагледни средства по историја, географија и другите предмети од групата општествени науки, со што часовите ќе станат значително поинтересни за учениците и наставната материја полесно ќе се совладува. Кабинетите по овие предмети во моментов се опремуваат со различни видови географски и историски карти, глобуси, макети на сончевиот систем, компаси и сета опрема која е неопходна за реализирање на наставата согласно новата концепција за основно образование, соопшти ресорното Министерство.
Министерот најавил инвестиција од над осум милиони денари за реконструкција на кровот, тоалетите и помошните подрумски простории во ОУ „Мурат Лабуништа“.
– Продолжуваме со инвестициите за модернизација на воспитно – образовниот процес, особено во основните училишта. Тие добиваат комплетно опремени кабинети по историја и географија, исто како што во изминатиот период добија и нови кабинети по природни науки. Оваа активност се спроведува преку проектот за модернизација на основното образование и затоа изразувам голема благодарност до Светската банка, која го финансира неговото имплементирање, изјавил Шаќири.
Тој, според соопштението на МОН, потсетил дека се интензивираат активностите за реновирање и реконструкции на основните и средните училишта. Со буџет од над 4,5 милиони евра предвидени се реконструкции во 50 училишни објекти во повеќе општини низ државата до крајот на годината.
– Средствата се обезбедени во буџетот на МОН, проектната единица за изградба на 145 спортски сали и рехабилитација на училишни објекти, а најголем дел од училиштата, односно 40 објекти ќе бидат опфатени со реконструктивни активности повторно со поддршка од Светската банка, се наведува во соопштението на Министерството.