Нашиот пат кон евроатлантските интеграции и Европската унија е неповратен, порачува министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири, преку соопштение.

– На секој резултат или цел му претходи процес. Веќе започнатите процеси кои ја одредуваат европската иднина на државата се незапирливи и неповратни и ние сме посветени да ги придвижиме напред, вели министерот Шаќири.

Тој воедно додава дека реформата на државната администрација, дигитализацијата на услугите, системот за интероперабилност, дигиталната идентификација, подобрувањето на телекомуникациската мрежа, усогласувањето на домашното и европското законодавство во областа на медиумите се неповратни процеси за чиешто реализирање работиме со најголема посветеност.

– Нема да дозволиме ништо да не оттргне од остварувањето на овие витални цели за државата, бидејќи за нас граѓанинот и неговата благосостојба се на прво место, посочува министерот Шаќири и додава дека се посветени , одлучни и свесни за работите што не очекуваат.