Капитенот на македонската кошаркарска репрезентација и член на францускиот прволигаш Гравелин, Војдан Стојановски, ќе отсуствува од теренот најмалку шест месеци поради тешка повреда на коленото.

Стојановски, како што е соопштено, ги скинал предните вкрстени лигаменти на коленото на тренинг пред денешниот меч од францускиот шампионат против тимот на Стразбур.

-Се случи во оние моменти кога најмалку очекуваш. Почувствував како левото колено „излезе“ од некоја нормална положба. Знаев дека нешто не е во ред, Лекарскиот тим веднаш организираше снимање со кое беше потврдено кинење на предниот вкрстен лигамент на коленото. Тоа е животот, ако ништо друго ќе земам одмор, барем и ваков, кој ми беше потребен, изјави Стојановски за официјалниот сајт на Македонската кошаркарска федерација.

Се надевам, додаде, дека во наредните денови менаџментот на клубот ќе ја организира операцијата.

-Сакам да го решам тоа што е можно побрзо. Да влезам во процес на рехабилитација, и да се вратам посилен од било кога, посочи македонскиот капитен.

Поради повредата Стојановски нема да може да му помогне на национален тим во августовските натпревари од втората фаза на претквалификациите за пласман на Светскиот куп во 2023 година