Изјавата на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски дека наскоро може да се очекуваат закани, уцени и парични понуди за поддршка на уставните измени, СДСМ ја оценува за манипулација. Од владејачката партија велат дека манипулациите се поради поддршката што дел од опозиционерите би ја дале за промената на Уставот.
„Она што сега го прави ВМРО-ДПМНЕ на чело со Христијан Мицкоски е поради паниката што си ја имаат во своите редови. Се погласни се оние информации дека пратеници, па и дел од градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржат и се за уставните измени. Оттука потекнуваат сите овие манипулации за закани, за уцени – нешто што е својствено токму само за ВМРО-ДПМНЕ“, рече Богданка Кузеска – портпарол на СДСМ.
Од СДСМ ја искоментираа и изјавата на Христијан Мицкоски, кој неодамна кажа дека очекува кривична одговорност за експертите во работната група за уставните измени на Министерството за правда, бидејќи, како што додаде, ќе земаат хонорари, а нивната работа е беспредметна. Социјалдемократите велат дека Мицкоски деградира, навредува и омаловажува професори.
„Прашањето е кога Христијан Мицкоски пред да зборува за било каква одговорност ќе понесе тој морална одговорност што никако не учествува во реализација на стратешките цели коишто и се потребни на државата за напредок и на граѓаните коишто живеат во неа“, изјави Богданка Кузеска – портпарол на СДСМ.
Инаку од ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно обвинија дека поканетите експерти во групата се блиски лица на СДСМ и ДУИ.
„Работната група за уставни амандмани нема кредибилитет, вистинските експерти со време се оградија. Професорите од областа на Уставното право, луѓе од професијата на уставната материја и научници од сродни области, кои имаат голема професионална кариера не сакаат да бидат дел од аматеризмот наречен работна група за уставни амандмани, затоа што за уставни промени нема консензус“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Работната група се очекува наредната недела да го одржи првиот состанок, а како што истакнаа претставници на власта, на експертите веројатно нема да им биде потребен долг период за формулацијата на предлог-уставните амандмани, бидејќи рамката за текстот е веќе содржана последниот билатерален Протокол потпишан меѓу Скопје и Софија. Откако групата ќе ги презентира предлозите тие ќе бидат на јавна расправа, по што би започнала собраниската процедура.