Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, одржа отчет за реализираните проекти и постигнатите резултати во изминатите три години. Настанот се одржа во салата на Народниот театар во Гевгелија, каде што Сарамандов се заблагодари на поддршката која ја добива од граѓаните на општина Гевгелија.
„Нема поубаво чувство од тоа да застанам пред моите сограѓани и да го споделам транспарентно она што сработивме овие три години, проектите кои се реализираа, предизвиците и проблемите со кои се соочивме. Благодарност до сите граѓани на општина Гевгелија кои ми давате неизмерна поддршка овие три години“, изјави Сарамандов.
Сарамандов истакна дека со напорна работа и успешна соработка со јавните институции, Советот на општината и администрацијата, Гевгелија остварила значителни резултати во секој сегмент на општинскиот живот.
„Благодарение на успешната соработка со јавните инститиции, Советот на општина Гевгелија и општинската администрација, беа остварени високи резултати со значителен придонес во секој сегмент во нашата Гевгелија“, истакна Сарамандов.
Сарамандов додаде дека реализирани се бројни проекти во повеќе области. Меѓу најзначајни проекти се изградбата на обиколницата ,,Западен булевар“, модерен урбан парк на површина од 6000м2, доградба на детска градинка ,,Сончогледи“ за 130 деца, и реконструкција на спортска сала ,,ДТВ Партизан“.
,,Реализирани голем број на проекти од подземна и патна инфраструктура, проекти за зачувувување на животната средина, проекти во образовните институции, проекти во делот на социјалната заштита, проекти за подобрување на спортската инфраструктура, детски игралишта, изработена е и туристичка платформа, а целосно реконструирани се и 3 младински домови“, додаде Сарамандов.
Други капитални проекти вклучуваат изградба на атмосферска канализација во должина од 7000 метри, нови водоснабдителни системи за селата Негорци, Богородица и Прдејци, изградба на нов пазар во Мировци, и реконструкција на младински домови во Моин, Богородица и Негорци.
Сарамандов најави дека ќе продолжи со посветена работа за унапредување на животот на граѓаните и понатамошно подобрување на инфраструктурата и услугите во општина Гевгелија.
„Се обврзувам дека ќе продолжиме да работиме посветено и одговорно, Гевгелија мора да се развива во урбана и модерна општина по примерот на европските општини“, заклучи Сарамандов.