.Само за гориво, плати и други издатоци ЈСП троши околу 30 милиони евра годишно, а буџетот на Скопје е 113 милиони евра за 2022 тогаш од каде би се нашле пари за бесплатен превоз
Информацијата што ја соопштија советниците на СДСМ во Град Скопје дека Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) склучило договор од 27 милиони евра за набавка на дизел гориво за наредните две години од компанијата „Пуцко петрол“ отвора неколку прашања. Првото е дека според овој договор излегува оти автобусите на ЈСП дневно трошат 37.000 евра за дизел гориво. Дали е тоа реално е дискутабилно прашање. Ако се точни информациите на советниците од СДСМ тогаш значи дека во оваа зделка не влегува ни купувањето гас секој ден за модерните автобуси што ги купи поранешниот градоначалник Петре Шилегов. Со овој трошок дневната сума за гориво веројатно надминува и 40.000 евра.
Второто прашање е поврзано со изборната најава на градоначалничката Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ во кампањата дека ќе воведат бесплатен автобуски превоз. Ако за само една година се потребни 13,5 милиони евра за дизел гориво и ако на тоа се додадат трошоците за плати за 1.500 вработени за кои бруто се издвојуваат најмалку 1 милион евра месечно (веројатно дека бројката стигнува до 15 милиони евра годишно), а ако на тоа се додадат и други трошоци за резервни делови, одржување и поправки вкупната сума која му е потребна на ЈСП годишно надминува фантастични 30 милиони евра.
Буџетот на Скопје за оваа 2022 година беше одреден на 113 милиони евра. То значи дека ако се воведе бесплатен превоз и ако Градот Скопје нема помош од државата за бесплатниот превоз тогаш речиси една четвртина од буџетот би одел само за ЈСП. Тогаш сите други јавни претпријатија би биле ставени во подредена улога, а самиот ЈСП веќе нема да биде дел од пазарот на услугите за кои треба да се бори, туку тој ќе биде единствениот монополски субјект, кој како и да работи, некој ќе ги надоместува неговите трошоци.
Ако на тоа се додадат и парите што се издвојуваат за двата приватни превозници (по 400.000 евра месечно) се доаѓа до бројки од кои може да ве заболи глава. А за таа главоболка лекот требаше да биде осмислен во проектот – бесплатен јавен превоз. Идејата не е лоша, само од каде да се најдат пари. Во Луксембург има бесплатен превоз. Но Луксембург, земја со 640.000 жители, е една од најбогатите држави во Европа. Неговиот БДП во 2021 беше 86,7 милијарди долари, што значи дека БДП по жител бил 135.000 долари. Македонија има 6.700 долари БДП по жител.
Тогаш – од каде да се најдат пари кога никаде ги нема. Одговорот е мистерија како што е мистерија и самата идеја за бесплатниот превоз.
Инаку, за што обвинува СДСМ? Дека ЈСП ќе купува дизел од „Пуцко петрол“ (според договорот што го виделе неговите советници) за 100 денари по литар, плус ДДВ, што значи 118 денари. Во моментов дизелот чини 86,5 денари. Ако податокот што го објави СДСМ е точен (директорот на ЈСП го негира) тогаш тоа е огромна разлика во цената, дури 31,5 денари. Директорот е делегиран човек на градоначалничката Арсовска, но членовите на Управниот одбор на ЈСП ги постави мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ во градскиот совет. За да се разјаснат недоумиците треба јавно да се објави договорот. Тогаш можеби некои работи од целата драма со штрајковите на ЈСП и приватниците ќе станат појасни.
Превземено од Независен.мк