Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, смета дека војната, за која верува дека Кремљ избрал да ја води во Украина, може веднаш да заврши доколку Русија ги прекине нападите и ги повлече своите сили.

Коментирајќи го претходно објавениот кинески план од 12 точки за Украина, во кој Пекинг детално ја објаснува својата позиција за војната и повикува на прекин на непријателствата и мировни преговори, тој за Си-Ен-Ен изјави дека најважната точка, според него, е првата точка, која предвидува „почитување на суверенитетот на сите земји“.

„Мојата прва реакција на тоа е дека можеме да застанеме на точка еден, а тоа е почитување на суверенитетот на сите земји. Оваа војна може да заврши утре доколку Русија престане да ја напаѓа Украина и ги повлече своите сили. Украина не ја нападна Русија, НАТО не ја нападна Русија, САД не ја нападна Русија. Ова е војната што Путин ја избра да ја води“, рече Саливан.

Во документот насловен како „Позицијата на Кина за политичкото решавање на украинската криза“, што беше објавен претходно на интернет, кинеското Министерство за надворешни работи наведува дека Кина ќе продолжи да игра конструктивна улога во продолжувањето на мировните преговори.

Кинескиот документ за Украина ги наведува следните 12 точки: почитување на суверенитетот на сите земји, напуштање на менталитетот на Студената војна, прекин на непријателствата, продолжување на мировните преговори, решавање на хуманитарната криза, заштита на цивили и воени затвореници, зачувување на безбедноста на нуклеарните централи, намалување на стратешките ризици, олеснување на извозот на жито, прекин на едностраните санкции, одржување стабилни индустриски и синџири на снабдување, како и промовирање на постконфликтна реконструкција.