САД им порача на своите граѓани веднаш да ја напуштат Русија поради војната во Украина бидејќи им се заканува одмазда, односно органите на редот во земјата може неоправдано да ги приведат или малтретираат.

„Американските граѓани што живеат во Русија треба веднаш да ја напуштат земјата. Бидете особено внимателни на неосновани апсења. Не патувајте во Русија“, се вели во соопштението на Амбасадата на САДво Москва, а пренесува „Гардијан“.

Во соопштението од Амбасадата се додава дека граѓаните на САД треба да знаат дека американските кредитни и дебитни картички повеќе не работат во Русија, а опциите за електронски пренос на средства од САД се крајно ограничени поради санкциите наметнати на руските банки.

„Опциите за комерцијални летови се крајно ограничени и честопати се недостапни за кратко време. Ако сакате да ја напуштите Русија, треба да направите независни аранжмани што е можно поскоро. Амбасадата на САД има сериозни ограничувања во способноста да им помогне на граѓаните на САД да ја напуштат земјата и можностите за транспорт одеднаш може да станат уште поограничени“, се додава во соопштението.

САД постојано ги предупредуваа Американците да ја напуштат Русија. Последното такво официјално предупредување беше издадено во септември минатата година откако рускиот претседател Владимир Путин нареди делумна мобилизација.

Прикажи повеќе