Музичката програма на годинешното 63 издание на „Охридско лето“ продолжува со Романска вечер и концертот на виолинистката Ирина Мурезану и уметниците од Европскиот оркестарски изведувачки институт „ФАМЕ’С“.

„ФАМЕ’С“претставува музички образовен центар создаден во рамките на компанијата „ФАМЕ’С“ која се занимава со професионално снимање и продукција на музика. Организиран во објектот и професионалното студио на „ФАМЕ’С“ во Скопје, центарот претставува уникатна платформа за професионална музичка едукација, размена на искуства и креативност, наменет за млади талентирани инструменталисти од Европа.

Овој проект е дел од програмата за Пан-Европски културни ентитети  (CREA-CULT-2021-PECE), поддржан од Европската Унија.

Креирајќи професионална и оригинална оркестарска и музичка содржина, преку различни дигитални платформи, проектот се стреми и кон развој на нова публика, пренесувајќи ги искуствата и културниот диверзитет на европското музичко наследство.

Главен фокус Институтот има кон делувањето на оркестарот кој работи во полето на класичната, хибридната, филмската музика и професионално снимање на оркестарска музика. „Фаме’с“ Институтот беше домаќин на голем број млади музичари од различни земји од Европа (земји учеснички во програмата Креативна Европа) како и врвни музички уметници кои ги раководеа активностите на оваа програма. Меѓу нив, ќе ги забележиме и имињата на диригентот Тимоти Редмонд, Колсимча бенд, Оливие Труан, Алистер Кинг, Луис Иварс, Франческо Тристано, Роб Мазурек, Бенџамин Шварц, Куареим Квартетот, Оливие Дежурс, Етијен Аблеин, Габриел Прокофјев, Игор Корети, Емили Дејвис и Ирина Муресану.

Виолинистката со романско потекло Ирина Муресану е лауреат и победничка на повеќе престижни натпревари за виолинисти како Меѓународниот натпревар во Монтреал, натпреварот „Кралица Елизабета“, натпреварот  на Универзитетот во Јужна Африка (УНИСА),  меѓународниот натпревар во Вашингтон, натпреварот во „Шадт“ во Алентаун и други.

Ирина Муресану е барана како солист на двете страни на Атлантикот, како и во САД, Европа, Канада, Азија и Јужна Африка, а нејзините специфични програми кои се тематски конципирани придонесуваат да биде подеднакво активна на концертните платформи, како солист и камерен музичар.  Таа е член на Бостонското камерно трио од 2001 година, а настапувала на бројни фестивали во САД, Холандија, Белгија, Франција и др. Муресану е посветена и на изведбата на дела од современата музичка литература, од кои голем дел се напишани токму за неа. Нејзините изведби се запишани на носачи на звук на повеќе интернационални издавачки куќи.

Муресану е професор на Универзитетот во Мериленд, а била дел од професорскиот кадар на Конзерваториумот „Беркли“ како и на Харвард и МИТ. Носител е на престижната Диплома за уметност и титула доктор на музичка уметност од Конзерваториумот „Њу Ингланд“ каде студирала со легендарниот француски виолинист Мишел Оклер.

Концертот ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“ со почеток во стандардниот фестивалски термин од 21 часот.