Новиот менаџер на „сините“ дебитираше со реми против Вулверхемптон.

Само еден ден откако официјално беше промовиран како наследник на Френк Лампард, Германецот Томас Тухел денеска веќе дебитираше на клупата на Челси. Во натпреварот од 20. коло во Премиер лигата, Челси одигра без голови против незгодниот тим предводен од Нуњо Еспирито Санто.

Каи Хаверц во 15. и Антонио Ридигер во 39. минута имаа шанси да го донесат Челси во водство, но во тоа се испречи Рио Патрисио кои во двата наврати одлично реагираше. Вулверхемптон возврати преку Дендонкер, но мрежата на Челси остана недопрена.

Во второто полувреме, најдобрата шанса ја имаа гостите и тоа во 71. минута. Педро Нето среќно дојде до топката по што играчот на Вулверхемптон излезе пред голманот Менди кого го лобуваше но наместо мрежата, ја погоди стативата.

Екипата на Барнли приреди изненадување со победата од 3:2 над Астон Вила и дојде до шестата победа сезонава.
Астон Вила повесе во 14. минута преку Воткинс, за во второто полувреме домаќинот да направи пресврт. Прво капитенот Ми во 52. минута погоди за 1:1, а по голот на Грилиш за 1:2, возврати Мекнил во 76. минута. Комплетниот пресврет го направи Крис Вуд со голот во 79. минута.