Вооружени со митралези, рсуките војници одат од врата до врата во окупираната Украина и ги принудуваат граѓаните да гласаат на таканаречените референдуми. Украинските власти соопштија дека на луѓето им е забрането да ги напуштат четирите региони каде што се одржува таканаречениот руски референдум до завршувањето на петдневното гласање.

Граѓаните влегуваат во гласачките центри за да гласаат во проѕирни кутии, додека надвор стојат вооружени стражари. Украинците тврдат дека им било кажано дека ако одбијат да гласаат нивните семејства ќе бидат убиени. Овие референдуми, кои Западот ги смета за незаконски, ќе продолжат до 27 септември. Референдуми за припојување кон Русија се одржуваат во Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје – сите во југоисточна Украина. Нема независни набљудувачи во регионите каде што се одржуваат таканаречените референдуми за сојуз со Русија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, го повика светот да ги осуди „псевдореферендумите“ чија цел е анексија на украински земји.

„Светот апсолутно ќе реагира на псевдореферендумите, тие ќе бидат недвосмислено осудени за криминалната мобилизација што напаѓачите во моментов се обидуваат да ја спроведат на Крим, и другите делови на Украина, кои сè уште ги контролираат. Ова не се само злосторства против меѓународните закони и украинското право. Тоа се злосторства против одредени луѓе, против нашиот народ“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Во Вашингтон, американскиот претседател Џо Бајден го осуди чинот и предупреди на нови санкции против Москва. Бајден рече дека руските референдуми се измама – лажен изговор, со кои насилно сакаат да се анектираат делови од Украина. Таканаречените референдуми беа набрзина објавени оваа недела, откако рускиот претседател Владимир Путин на 21 септември нареди – како што рече делумна воена мобилизација. Четирите региони каде што се одржуваат таканаречените референдуми претставуваат околу 15 проценти од Украина, или област со големина на територијата на Унгарија./Alsat.mk

Прикажи повеќе